Заеднички ги решаваме сите проблеми

posted in: Вести | 0

 

На 5 септември 2018 година во Тетово и Гостивар и на 6 септември во Битола и Прилеп се одржаа инфо-сесии со земјоделците на кои беа презентирани предностите од здружувањето во земјоделски задруги, како и можностите за поддршка на земјоделските задруги.

Како успешен пример од регионот беше претставена земјоделската задруга Сименталац од Златна долина од Славонија, Хрватска. Задругата е формирана уште во 2001 г. со здружување на 13 земјоделци кои денес имаат ветеринарна амбуланта, млекарница и продажен простор.

„Вистина дека имаме слични проблеми, јас доаѓам од задруга која е формирана од селани. Иницијативата и сѐ што беше потребно за функционирање на задругата самите го поставивме. Немавме помош од државата, задругата ја формиравме по модел и мотив сличен на земјите од нашето опкружување, Австрија и Германија. Често одевме и учевме од задругите во овие земји и по десет години меѓусебно дружење одлучивме да формираме задруга“ – истакна г. Мирослав Ковач, управител на задругата Сименталац од Хрватска. „Нашите очекувања се остварени, што не значи дека сега ни е полесно. Напротив сега треба да го одржуваме она што го постигнавме, сами се бориме, заеднички излегуваме на пазарите и заеднички ги решаваме сите проблеми“ додаде Ковач.

„За да функционираат земјоделските задруги луѓето мора да си веруваат меѓу себе, но и да разберат дека како сами се многу мали и имаат ограничени можности да успеат на пазарот. Единствен начин е да се здружат во оние области каде имаат заеднички интерес како набавка, продажба, магацин за производите и слично“ истакна Лазар Неданоски од МРФП.

Присутните беа информирани за објавените повици на кои можат да се пријават постоечките задруги, како и сите останати групи на земјоделски стопанства кои имаат интерес за формирање земјоделски задруги. Повиците се достапни на: https://zadrugi.mk/info_mk/mozhnosti-za-poddrshka/.

Информативните средби се дел од „Караванот на инфо-сесии“ и досега вакви средби се одржаа во Кавадарци, с. Царев Двор, Ресен и с. Долно Лакочереј, Охрид.

 

Фотографии од сесијата одржана на 05.09.2018 г., во Тетово во Општинската сала.

Фотографии од сесијата одржана на 05.09.2018 г., во Гостивар во Општинската сала.

Фотографии од сесијата одржана на 06.09.2018 г., во Битола во НУ Центар за култура.

Фотографии од сесијата одржана на 06.09.2018 г., во Прилеп во старата Општинска сала.