На 19 и 20 септември 2018 г. во Чешиново, Радовиш, Росоман, Чашка и Стајковци се одржаа информативни сесии со земјоделците на кои беа презентирани предностите од здружувањето во земјоделски задруги, како и можностите за поддршка на земјоделските задруги.
На информативните средби искуствата од задругарството пред земјоделците ги сподели и г-а Нада Марковиќ од Здружението на жени „Маја“ од Кравица, општина Братунац, Р. Босна и Херцеговина: „Задругата ја основавме во 2013 г. по иницијатива на жените кои веруваа дека здружувањето ќе ни донесе економски просперитет. Тоа придонесе нашите жени да ги прошират своите мали бизниси и така дојде до потребата за поголем пласман и неизбежно беше основањето на задругата. Задругарството е најважен и најдобар модел на организирање преку кој се искористуваат разни бенефиции. Денес, нашата задруга се занимава со одгледување на сопствени малини, откуп, замрзнување и продажба на малини и капини, кетеринг услуги како и услуги за едукација – примена на добри пракси и ширење на задругарството како социјално претприемништво. Побарувачката се зголемува, а искуството покажува дека е многу добро да се биде член на задруга бидејќи во овој систем кога има многу невработени задругата овозможува да бидеш свој газда.“
Присутните беа информирани за објавените повици на кои можат да се пријават постоечките задруги, како и сите останати групи на земјоделски стопанства кои имаат интерес за формирање земјоделски задруги:
„Со проектот „Поддршка за развој на земјоделските задруги“ нудиме можност за техничка и финансиска поддршка за земјоделските задруги. Во таа насока, објавени се два повици со рокови за аплицирање во октомври, на кои можат да се пријават сите групи на земјоделски стопанства кои имаат интерес да формираат нова земјоделска задруга, како и сите постоечки земјоделски задруги. Техничката поддршка е во две фази и опфаќа информативни и консултантски услуги за развој на бизнис план, а со исполнување на критериумите дадени во повиците, задругите ќе имаат можност да аплицираат за финансиска поддршка за спроведување на нивниот бизнис план. На тој начин проектот ќе придонесе за зајакнување на капацитетите на задругите, а тоа ќе води кон подобрен и конкурентен земјоделски сектор.“ – изјави г. Лазар Неданоски.
Информативните средби се дел од „караванот на инфо-сесии“ и досега вакви сесии се одржаа во Кавадарци (с. Царев Двор), Ресен, Охрид (с. Долно Лакочереј), Тетово, Гостивар, Битола и Прилеп.
Објавените повици се достапни на: https://zadrugi.mk/info_mk/mozhnosti-za-poddrshka/.
Фотографии од сесијата одржана на 19.09.2018 г., во Чешиново во Општинската сала.
Фотографии од сесијата одржана на 19.09.2018 г., во Радовиш во Центарот за култура „Ацо Караманов“.
Фотографии од сесијата одржана на 19.09.2018 г., во Росоман во Општинската сала.
Фотографии од сесијата одржана на 20.09.2018 г., во Чашка во ОУ „Тодор Јанев“.
Фотографии од сесијата одржана на 20.09.2018 г., во Стајковци во ОУ „Кирил и Методиј“.