Започнат „Караванот на инфо-сесии“ низ земјата – Живее задругата, живее и селото

posted in: Вести | 0

Тимот на проектот „Поддршка за развој на земјоделските задруги“ го започна „Караванот на инфо-сесии“ низ земјата. Целта е преку директен контакт со локалните земјоделци да се споделат информации за земјоделските задруги, целите, клучните принципи, како и предностите од здруженото делување за земјоделското производство, а воедно и споделување на најдобрите практики од регионот и ЕУ.

Гости на првите инфо-сесии во Кавадарци, Ресен и Охрид беа четири претставници на земјоделски задруги од Војводина, Р. Србија. Тие пред присутните ги споделија своите искуства од задругарството, презентирајќи реални примери со кои се соочуваат поттикнувајќи ги присутните да размислуваат за здружено делување преку земјоделски задруги.

„Агродунав од Каравуково е стара задруга во која членуваше целото село и целото производство беше пласирано преку неа. Во 90-те години работите се сменија, задругата отиде под стечај. Но, тоа не значеше крај. Се појави една екипа која реши да ја заживее задругата првенствено заради личен опстанок. Денес, располагаме со 1.800 ха своја земја, работиме 700 ха под закуп, имаме сопствена фарма, а од пред пет години почнавме да се занимаваме и со овоштарство и да одгледуваме цреши. За две години планираме Каравуково да биде главен центар за одгледување цреши. Селото е живо заради тоа што таму постои задругата, живее задругата, живее и селото“ – истакна Стеван Станојковиќ од земјоделската задруга Агродунав.

„Не се само членовите тие што имаат придобивки од задругата, туку и сите луѓе, особено младите во местата во кои делуваат задругите. Искуствата од задругите треба да се споделат не само меѓу задругите, туку и меѓу земјите, бидејќи задругите придонесуваат за развојот на земјата“ – посочи Јелена Несторов Бизоњ од Задружниот сојуз на Војводина.

Никола Котарац од земјоделската задруга Вочар, Сланкамен сподели пред присутните дека во задругата направиле ладилник со сопствени средства. „Маката нѐ натера да се здружиме во задруга, цените ни беа наметнати, сами не можевме ништо. Имавме два избора: да се здружиме во задруга или да се откажеме од нашите овоштарници. Решивме да се здружиме, ако сме самите силни, колку и да сме силни, сами не можеме ништо. Затоа, не е прашање дали треба, туку мора да сме здружени за да може заедно да се натпреваруваме со некој посилен од нас. Довербата меѓу членовите е клучна за сите успеси на задругата.“

Тимот на проектот на инфо-сесиите ги информираше присутните за Повиците за изразување интерес кои наскоро ќе бидат објавени, а опфаќаат поддршка за развој на земјоделските задруги.

Средбата во Кавадарци на 18 јули 2018 година, беше прва од „Караванот на инфо-сесии“, а ден потоа, на 19 јули 2018 година се одржаа средбите во с. Царев Двор, Ресен и с. Долно Лакочереј, Охрид. Во следниот период ќе се одржат средби на различни места во земјата.

Фотографии од сесијата оддржана на 18.07.2018 г., во Општина Кавадарци

Фотографии од сесијата оддржана на 19.07.2018 г. во с. Царев Двор, Ресен

Фотографии од сесијата оддржана на 19.07.2018 г. во с. Долно Лакочереј, Охрид