На 22 март 2018 година, во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се одржа промоција на проектот „Поддршка за развој на земјоделски задруги“.
Проектот ќе се спроведува од страна на CARE Deutschland –Luxemburg и Македонска развојна фондација за претпријатија (МРФП).
Времетраењето на проектот е 38 месеци.
Проектот е финансиран од Европската Унија преку буџетска линија: Инструмент за претпристапна помош – ИПА II.
Целта на проектот е зголемување на пазарната конкурентност и соработката меѓу земјоделците, преку создавање поволни услови за развој на постојните и создавање на нови земјоделски задруги.
Со проектот се планирани низа активности за остварување на следните резултати:
- Ревидирана правна рамка за земјоделски задруги преку соработка на проектниот тим, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и чадор организацијата на земјоделските задруги. Ќе бидат спроведени: длабинска анализа на правната рамка и политиките за земјоделски задруги, формулирање на предлог измени проследени со јавна расправа, формирање на работна група и дебата за можни решенија, поддршка за воспоставување на систем за следење на земјоделски задруги.
- Зајакнати капацитети на чадор организација на земјоделските задруги која ќе добие техничка и финансиска поддршка.
- Зголемена свест меѓу земјоделците, бизнисите и пошироката јавност за придобивките од задругите со спроведување на кампања за подигнување на јавната свест за придобивките од задругите и инфо сесии со локалните заедници.
- Обезбедена техничка и финансиска поддршка за развој на 8 постоечки и за создавање на 12 нови земјоделски задруги за реализација на нивните бизнис планови и советување во процесот на реализација на истите.
На промоцијата присуствуваа претставници на институциите на власта кои се надлежни за развој на земјоделството во државата, претставници на медиумите, донатори, домашни и меѓународни организации, како и претставници на земјоделските задруги.
На настанот се обратија: Љупчо Николовски, Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Konstantinos Soupilas, претставник од Делегацијата на Европска Унија, Весна Јовановиќ, Регионален координатор на CARE Deutschland -Luxemburg, Тетјана Лазаревска, Извршен директор на МРФП, Драган Периќ, Проектен менаџер CARE Deutschland -Luxemburg.